четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Агенцијата им се заканува со тужби и не им ги прима приговорите: Одморот на 100 деца во Грција почна и заврши со голгота – НОВИ ДЕТАЛИ

КУРИР пренесува дел од подготвените приговори со кои оштетените родители ќе бараат правда. Во нив, го раскажале целото искуство, цела голгота која ја поминале нивните деца на одмор. Одмор кој за нивните родители стана голем замор и силни грижи.
Агенцијата им се заканува со тужби и не им ги прима приговорите: Одморот на 100 деца во Грција почна и заврши со голгота – НОВИ ДЕТАЛИ

Како што почна, така и заврши 7-дневниот одмор на над 100 деца од Македонија кои беа на летен камп во Грција.

КУРИР веќе објави за големиот скандал, но истиот не запрел во опширните информации, докази и сведоштва кои ги објавивме. Дури, родители добиле закани дека ќе бидат тужени за нарушување на угледот на агенцијата.

ДEЦА ПРЕЖИВЕАЛЕ ГОЛГОТА ВО ГРЦИЈА, РОДИТЕЛИТЕ ИЗРЕВОЛТИРАНИ: Без храна, во мизерни услови, понижени и заплашувани (ФОТО)

Децата кои беа на одмор каде добија мизерни услови далеку од понудата за кои платија нивните родители, вчера се вратија дома. Додека беа таму шест дена и седум ноќи им испраќаа пораки на родителите во Скопје да се пожалат на условите, но и по враќањето немале пофални зборови, а соопштиле и нови информации.

Нашата редакција беше контактирана од загрижена мајка, која не можеше да ја сокрие својата вознемиреност по вчерашното враќање на своето дете. Ќерката дома се вратила болна, со висока температура објаснувајќи дека во хотелот постојано биле на промаја, се било отворено бидејќи централната климатизација не била во функција.

-Ќерката ми се врати дома со температура, хотелот насекаде бил отворен за да се проветрува, да има воздух, па така цел ден седеле на промаја затоа што немало централно ладење. Детето ми е ослабено. Си купувале секој ден овошје и крофни на плажа  за да се дојадат бидејќи храната во хотелот еднообразна и малку во количина. Јас платив 250 евра за понудата која не ја добивме, а се што докупувале за да се најадат, тоа дополнително се плаќа, вели мајката во изјава за КУРИР.

По одморот-голгота за кој дозна македонската јавност, замислете, истата агенција организира ист ваков камп, за други деца на истата локација. Хотелот, според информациите до кои дојдовме, ќе ги пречека во иста состојба како и минатата група.

-Откако вчера наутро нашите деца го напуштиле хотелот, цели 5 часа пред да тргнат назад кон Скопје, замислете, аниматорките почнале да ги чистат собите да бидат “подготвени“ за следната тура деца. Ни средства, ни хигиеничарки, тие што ги забавувале децата земале да чистат. Не правеле ни дезинфекција, тоа таму е извор на зарази, вели мајката.

Како што дознавме од присутен на овој одмор, пред поаѓање за накај Скопје, децата од 9 до 14 биле оставени да чекаат ручек, со багажот. На високи температури тие чекале долг период за да можат да си тргнат дома.

Бидејќи по претходно објавените сведоштва, единствениот одговор на сопственикот на агенцијата беше дека незадоволството од овој одмор било изолиран случај на една мајка, КУРИР стапи во контакт со уште двајца родители кои вчера си ги пречекаа децата во Скопје.

За разлика од некои други кои по детските поплаки веднаш отидоа да си ги земат од Грција, овие родители велат дека не биле во можност да заминат по своите деца поради работни обврски и финансиски товар.

-Мислев, било што било, не ми беше задоволно детето, но еве ќе се врати и се ќе биде во ред. Сакав да се сеќава само на убавиот дел од таа недела одмор, но наместо да ми раскаже пријатно искуство, добив информации за кои до сега не знаев. Утрото пред да тргнат кон Македонија, замислете, пет часа чекале на сонце за да добијат ручек пред патот. Во 9 морале да го напуштат хотелот, а до 14 часот чекале кај базенот, кој веќе знаете како изгледаше, го имавте и вие на КУРИР објавено. Дури тогаш тргнале на пат, ни кажа еден родител.

Другиот наш соговорник вознемирено ни раскажа друга случка за која до сега не бевме информирани.

-Над 100 деца на летен камп биле однесени без присуство на доктор. Можете да замислите каква неодговорност? И се случува незгода. Мало девојче паднало на скалите и се повредило, најверојатно пукната аркада. Крв на сите страни. Децата и наставниците 20 минути чекале да дојде амбулантна кола во хотелот. Каков стрес е тоа за деца, знаете? Среќа се добро заврши, детето е добро, добило лекарска помош, истакна татко на дете кое било на ова патување.

Уште еднаш ни се пожалија за тоа каква храна добиле нивните деца. Родителите платиле за, како што пишувало во понудата, појадок и вечера шведска маса, а ручек порција.

-Еве сега ми раскажа моето дете. Таму имаа шест ноќи, а 4 ноќи за вечера имале шпагети со кечап! Една ноќ омлет, а друга ноќ виршли. Четири ноќи замислете од вечерата која требаше да биде шведска маса, тие јадат шпагети.  Детето таму ми било гладно, измалтретирано и сместено во лоши услови. За овој стрес, некој мора да одговара, ни кажа еден родител.

По враќањето на децата, родителите почнуваат со пишување на приговори до скопската туристичка агенција (позната на редакцијата на КУРИР).

КУРИР ексклузивно дојде до приговорите кои дел од родителите веќе ги испратија по пошта, а тие кои лично ги однеле до агенцијата доживеаја уште еден шок. Приговорите не им биле примени со образложение дека газдата не бил таму.

-Гледаме институциите не ни работат, не функционираат. Зошто не се отвори случај за измама по допрен глас? Нас од инспекторатот воопшто не ни одговараат на повиците. Ние пишуваме приговори до Агенцијата. Ни побараа во приговорот да напишеме која сума на отштета ја бараме. Јас не знам како на тие луѓе да им објаснам дека шокот кој моето дете го доживеа не може да се плати со пари! Јас барам да му се одземе лиценцата за работа на овој измамник, да не може други родители и деца да го доживеат ова што ни се случи на нас, вели една мајка која го спреми својот приговор до кој ние имаме увид.

-Мене и 250 евра да ми вратат, цела сума што ја платив, ќе биде праведно од нивна страна, но верувајте ми дека ќе одам до крај, не поради парите туку поради правда. За тоа што моето дете го доживеа таму, некој треба да одговара. Има ли институции оваа држава? Секој може да прави вака без казни? Детето ми беше сместено во руиниран валкан објект, со мизерна храна и лоши услови. И тие сакаат со евра да ме платат да ќутам? Нема. Ми се заканува и со правни санкции, но јас не се плашам, ни кажа друга мајка.

Со помош на адвокат, родителите во свои раце ја превземаат битката против неправдата која им беше нанесена на нивните деца.

КУРИР пренесува дел од подготвените приговори со кои оштетените родители ќе бараат правда. Во нив, го раскажале целото искуство, цела голгота која ја поминале нивните деца на одмор. Одмор кој за нивните родители стана голем замор и силни грижи.

КУРИР останува во контакт со родителите и сите нивни сведоштва и искуства, како и текот на постапките, ќе ги сподели со јавноста.

 

Најнови вести