Предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство ќе продолжи на 17 мај со завршни зборови на одбраната и на СЈО. Во „Тенк“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот помошник министер Ѓоко Поповски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Денеска во текот на расправата судечкиот совет ги прифати новите докази на СЈО, меѓу кои е и доказот добиен со замолница за меѓународна правна помош, доказ кој се однесува на електронска комуникација меѓу компанијата „Дајмлер бенз“ и „Мак Ауто Стар“. Содржината на новите докази не беше презентирана.
Одбраната на обвинетите приговараше на доказите, но судот го одби приговорот. Судијката Добрила Кацарска ги одби и доказите на одбраната, а за некои од нив сметаше дека се ирелевантни.
Бранителот на обвинетиот Ѓоко Поповски, Стерио Зиков предложи дополнителни докази за здравствената состојба на Поповски. Судечкиот совет и СЈО ги прифатија доказите, односно како што рече судијката Кацарска, приложените оригинални медицински извештаи.
Поранешниот премиер Никола Груевски ја поздрави одлуката на судот, потенцирајќи го делот каде што ги прифатила приложените „оригинални“ документи. Тој коментираше дека е обвинет врз аудио разговори кои биле доставени како копија на ЦД и сметаше дека судот треба да ги достави и оригиналите од тие разговори до обвинетите.
Тројцата се обвинети за набавка на луксузниот „мерцедес“ од 600 илјади евра. Постапката за Јанкулоска е издвоена поради ризична бременост. (МИА)