Артан Груби, првиот вицепремиер, одговарајќи на новинарско прашање, денеска рече дека „не е редар за да бара сертификати“ пред утрешното централно одбележување на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
–Не сум редар за да барам сертификати, прашајте ги службите. Не знам јас за тоа, рече Груби кога беше запрашан дали на утрешниот настан ќе биде дозволено да присуствуваат само вакцинирани гости. Тој рече дека за почитувањето на протоколите е задолжен организаторот, а не лично тој и дека бил во постојана консултација со Министерството за здравство и Центарот за јавно здравје – Скопје.
Сепак прославата е пред официјалниот почеток на новата владина мерка со која од 16 август ќе биде забрането присуство на невакцинирани на настани и во угостителски објекти со повеќе од 30 присутни.
Вчера беше одлучено да биде откажан големиот концерт кој требаше да се одржи по повод прославата на 20 години од Охридскиот рамковен договор. Сепак останува да се одржи прослава во хотел каде се предвидени да присуствуваат околу 200 луѓе. Откажувањето следува по бурните реакции за одржувањето на прославите поради зголемувањето на бројот на заболени, а во време кога се носат мерки за заштита и нови ограничувања.