Драмата околу регистрацијата на играчите на Барселона е готова и тоа со среќен крај. За тоа е заслужен заменик капитенот на Каталонците Жерар Пике, кој прифатил драстично намалување на платата со цел да му помогне на саканиот клуб. Благодарение на тоа, Барселона успеа да ги регистрира Мемфис Депај, Ерик Гарсија и Реј Манај за новата сезона во Ла Лига.
Тоа значи дека сите првотимци ќе му бидат достапни на Роналд Куман на отворањето од шпанскиот шампионат против Реал Сосиедад.
Како што е соопштено, клубот продолжува да преговара со останатите капитени, а пред се со Серхио Бускетс, Жорди Алба и Сержи Роберто, на прилагодување на нивните плати кон актуелната ситуација во Барса, со напомена дека сите се расположени за соработка.
Ова лето, Барселона одработи низа продажби и позајмици, што значеше дека сите играчи ќе можат да бидат регистрирани за почетокот на сезоната.
Жан Клер Тодибо е продаден во Ница за 8.000.000 евра, Жуниор Фирпо замина во Лидс за 15.000.000, Тринкао е позајмен во Вулверхемптон за 6.000.000, Карлес Алења е продаден во Гетафе за 5.000.000, а Конрад де ла Фуенте замина за Марсеј за 3.500.000 евра.
Освен тоа, Барса го раскина договорот со Матеус Фернандес, додека се уште не брза со регистрацијата на Кун Агуеро со оглед на тоа дека се очекува искусниот Аргентинец да не биде достапен поради повреда се до ноември.