Новиот селектор на фудбалската репрезентација, Благоја Милевски заедно со техничкиот директор на федерацијата, Зоран Стратев, како и раководителот на сите селекции, Никола Зердески одржаа работен состанок во просториите на „Куќата на фудбалот”.
На средбата се разговараше за неколку актуелни теми, со цел поуспешни резултати на сите наши национални тимови. Најголем акцент беше ставен на меѓусебната координација на сите селекциите, односно тоа дека сите наши репрезентации ќе почнат со имплементација на играње со иста формација, сè со цел полесно вклопување на играчите во секоја наредна фаза во селекцијата, за крај и успешна афирмација на самите фудбалери во селекцијата.
Очекувањата се оптимистични, а сето тоа е добра најава за нови, поголеми успеси на сите наши национални тимови.
„Се одржа работен состанок помеѓу тренерите на националните селекции кој беше инициран од селекторот Благоја Милевски. На самиот состанок се дискутираше за фудбалски теми. Дискусијата главно беше сведена на поставувањето на критериуми при одредување на репрезентативци, а целта е создавање на профил на играчи кој ќе одговори на потребите на репрезентацијата. Самиот селектор сугерираше дека е потребно сите селекции да се базираат на играње со иста формација, и врз основа на тоа да се создадат профили на играчи кои ќе одговараат на најсоодветната формација за остварување на национални успеси.”, изјави техничкиот директор на Фудбалската федерација на Македонија, Зоран Стратев.
Новиот селектор, пак, истакна дека на овој состанок се разговарало и за принципите на селектирање.
„Разговаравме околу принципите на селектирање, системите на игра со кој ќе се обучуваат фудбалерите, како и самиот профил на репрезентативците, односно кои индивидуални карактеристики треба да ги поседуваат за да бидат членови на репрезентацијата, без оглед на тоа за која возрасна група имаат право да настапуваат“, изјави новиот предводник на нашата најсилна селекција, Благоја Милевски.