сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Столтенберг: Приоритет е да се извлечат луѓето од Кабул

Столтенберг: Приоритет е да се извлечат луѓето од Кабул

Приоритет на НАТО е да ги извлече луѓето од Кабул и да го одржува аеродромот во функција, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг по виртуелниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки за ситуацијата во Авганистан.

Тој оцени дека ситуацијата во таа земја останува „тешка и непредвидлива“.

Според него, најголемиот предизвик е да се обезбеди луѓето да влезат на аеродромот во Кабул.

Откако талибанците го презедоа Кабул, повеќе од 18.000 луѓе се евакуирани од градот, а Столтенберг вели дека илјадници луѓе се уште се наоѓаат околу аеродромот во очајничка желба да ја напуштат земјата.

Тој им се заблагодари на Турција, САД и Велика Британија за нивните напори да воспостават безбедност на аеродромот во Кабул.

Столтенберг повторно ги повика талибанците да дозволат безбеден премин за сите странски државјани и Авганистанци кои сакаат да ја напуштат државата.

НАТО ова лето, по речиси две децении, ја заврши воената мисија во Авганистан и ги повлече повеќето свои сили од таа земја, но Алијансата се уште има дипломатски претставници во Кабул.