сабота, 30. декември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Мбапе е црната точка во перфектниот преоден рок на ПСЖ

Мбапе е црната точка во перфектниот преоден рок на ПСЖ

ПСЖ го има можеби најдобриот преоден рок на сите времиња, потроши 60 милиони евра, а донесе огромни засилувања, сепак клубот е немоќен во преговорите за нов договор со Мбапе.

ПСЖ успеа да ги донесе Меси, Рамос, Донарума, Вајналдум и Хакими, дури четворица од нив пристигнаа како слободни фудбалери, пари доби само Интер.

Но, Килијан Мбапе се грижи во ПСЖ да не биде се така идеално, напаѓачот е решен да си замине и се чини дека нема понуда која ќе го разубеди.

А откако ги ангажираше новите ѕвезди, претседателот на клубот, Насер Ал Kелаифи рече: „Сега го имаме најсилниот тим во светот, па нема изговор за Мбапе да не го продолжи договорот“.

Но во случајот со Мбапе работите не се одвиваат така како што очекуваше Ал Келаифи, ангажманот на Меси, Рамос, Донарума… нема никакво влијание врз одлуката на францускиот напаѓач.

Синоќа се појави информација дека Мбапе ја одбил и последната понуда на ПСЖ истакнувајќи ја уште еднаш желбата за нов предизвик.

ПСЖ сега има две опции, едната е да го продаде Мбапе во наредните денови и да заработи од неговото заминување, втората е да го остави да ја доигра и оваа сезона па тој да им избега како слободен фудбалер

Иако се уште нема ништо официјално, се погласни се шпекулациите дека ПСЖ ќе ја одбере првата опција и до крајот на преодниот рок ќе го продаде Мбапе, а купец веројатно ќе биде Реал Мадрид.

Мбапе е црната точка за ПСЖ во овој преоден рок, напаѓачот покажува дека неговиот клуб не е семоќен и не може да ги има сите кои сака, парите не можат да го купат секого.

Се верува дека ако ПСЖ го продаде Мбапе ќе донесе замена на неговото место, а како прв пик се споменува Кристијано Роналдо.