петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Бајден ја осуди одлуката на Врховниот суд за забрана на абортусот во Тексас

Бајден ја осуди одлуката на Врховниот суд за забрана на абортусот во Тексас

Американскиот претседател Џо Бајден денеска го осуди одбивањето на Врховниот суд на САД да го блокира новиот закон за абортус во Тексас, што, како што рече, „претставува невиден напад врз уставните права на жените“.

„Одлуката предизвикува неуставен хаос и го навредува владеењето на правото“, се наведува во неговата писмена изјава.

Тој вети „итен одговор“ од неговата влада и повика на пронаоѓање „мерки за да им се гарантира на жените од Тексас пристап до безбедни и легални абортуси“ и да се заштитат клиниките и лекарите од можни тужби.

– Законот е толку екстремен што дури и не предвидува исклучок во случај на силување или инцест, истакна Бајден.

Тој додаде дека „највисокиот суд на земјата ќе остави милиони жени во Тексас да страдаат додека судовите постапуваат по сложени процедури“.

Во Тексас е донесен закон според кој се забрануваат абортуси по шестата недела од бременоста.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, се очекуваше Врховниот суд на САД да одговори со блокирање на овој закон, по итниот поднесок од страна на клиниките провајдери на оваа услуга, но тоа не се случи.

Законот, познат и како „Сенатски бил 8“, речиси целосно го забранува абортусот во Тексас и не прави никакви исклучоци дури и за бременост предизвикана од инцест или силување, што е случај во некои сојузни држави раководени од републиканци.  (МИА)