Владата на денешната седница донесе одлука да ја прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјата стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово, стои во владиното соопштение.
Донесен е и заклучок со препорака стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да се стават на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки.
-Владата ги задолжи надлежните институции да утврдат каков тип на дополнителна помош и поддршка е потребна за семејствата на загинатите и повредените, со цел истата да биде обезбедена во најкраток временски рок, се наведува во соопштението.
На седницата Владата донесе одлука за прогласување тридневна жалост на територија на цела држава, почнувајќи од денеска. Претходно тридневна жалост прогласи и Општина Тетово.