Досегашниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро е победник на вчерашните претседателски избори во оваа јужноамериканска држава.
Според официјалните податоци, Мадуро добил 5,8 милиони гласови, а неговиот главен ривал Енри Фалкон – 1,8 милиони. Одѕивот достигна 46,1 процент.
Мадуро извојува лесна победа на изборите, а неговите двајца главни соперници ги прогласија за нелегитимни поради бројни нерегуларности.
– Ние не го признаваме овој изборен процес, за нас избори немаше. Во Венецуела треба да бидат организирани нови избори, изјави Фалкон пред новинарите и ја обвини Владата дека вршела притисок над избирачите.
Фалкон изјави дека во близина на избирачките места биле поставени речиси 13.000 штандови со провладина агитација.
Опозицијата повика на бојкот на изборите.
По објавувањето на резултатот, поддржувачите на Мадуро победата ја прославија танцувајќи латино танци околу Претседателската палата Мирафлорес во центарот на Каракас.
На претходните претседателски избори во 2015 година одѕивот на гласачите достигна 80 отсто. Тогаш Николас Мадуро го победи популарниот опозициски политичар Енрике Каприлес со мала разлика.
Портпаролката на американскиот Стејт департмент Хедер Нојерт изјави дека изборите во Венецуела не се легитимни, истакнувајќи дека САД поддржуваат „слободни и фер избори“.
– Таканаречени избори во Венецуела не се легитимни. САД, заедно со демократските земји ширум светот, го поддржуваат венецуелскиот народ и неговото суверено право да ги избираат своите претставници по пат на слободни и фер избори, напиша вчера Нојерт на Твитер.
Изборите во Венецуела подлежат на многубројни критики, бидејќи на некои од најпопуларните противници на претседателот на државата, Николас Мадуро, не им беше дозволено да се кандидираат, додека неколку од нив беа принудени на егзил.
САД, ЕУ и многу латиноамерикански земји најавија дека нема да ги признаат резултатите од изборите.
MИА