Презимето Малдини има голема историја во фудбалскиот великан Милан, а денеска истата е продолжена од страна на младиот Даниел кој го постигна својот прв гол во Серија А.
Милан успеа да слави на гостувањето кај Специја со 1:2, но веста на денот е погодокот на младиот фудбалер кој го надополни големото наследство кое го оставија неговиот дедо Чезаре и татко Паоло.
Паоло Малдини во овој момент е директор на Милан и директно од трибините сведочеше на првиот гол на неговиот син, а неговата татковска реакција брзо стана вирална на социјалните мрежи.
– Навистина сум многу среќен, емоциите се многу силни. За среќа, ги вративме трите бода дома и ќе ми биде потребно време за да „легне“ се она што се случи.
– Вчера ми беше кажано дека ќе бидам стартер и имаше голема тензија. Соиграчите навистина многу ми помогнаа, но и тренерот Пиоли и мојота татко. Паоло има големи барања од мене, но пред се ми е татко и ми дава совети, – порача 19-годишниот Даниел за „ДАЗН“.