Ова е наша заедничка борба, народот наспроти корумпираната власт. Ова се локални избори со суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата. Ова се избори каде со вашиот избор праќате порака до власта. Вашиот глас е порака до тие коишто ја водат земјава 52 месеци по ред. Дали сакате да владеат со апсолутната власт уште 4 години или сакате промени? Затоа се обраќам до народот на Македонија, до Македонците, се обраќам до Албанците, до Турците, се обраќам до Ромите, до Власите, до Србите, до Бошњаците, до мажите и жените на нашата Македонија, од вас зависи дали ќе создадеме нова иднина, или ќе продолжиме со назадување, со лажни надежи, поделби и апатија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во обраќањето на митингот во Скопје.
Според него најголемиот глас на овие избори е гласот на тивкото мнозинство.
„Тоа се луѓето чиј глас не се слуша на медиумите, говорниците, на плоштадите. Тоа се луѓето кои живеат мирен живот, тоа е огромното мнозинство кое тихува, работи, и ја чува оваа земја. На нивниот ʹрбет се носат институциите, процесите, тие секој ден ја даваат нивната жртва за нашата земја и молчат, но имаат свој став, сакаат и живеат за своите семејства, копнеат за сигурност, ја сакаат Македонија и кога е добро, и кога е тешко, и во победи и во порази. Тие ја сакаат Македонија со своите срца. Гласот на тивкото мнозинство е гласот на разочарaниот работник, на револтираните млади, на тие кои имаат своја компанија и се борат за дневен опстанок на компанијата која им е сè и за која вложиле сè; на угостителите со кои експериментира оваа власт, на работниците по скелињата, на таксистите по улиците, на просветните и културни работници, на актерите кои сонуваат за големи улоги и полни театри. Тоа е гласот и на музичарите, уметниците, на убавите луѓе во нашите градови. Но и селата, земјоделците, тој работен и правичен народ кој гледа и слуша сè“, рече Мицкоски.
И сиве овие луѓе на нашата Македонија, додаде Мицкоски, мора да знаат дека новата иднина зависи лично од нивниот глас.
„Гласот на тивкото мнозинство со кој победува надежта и заедничката среќа. На 17-ти октомври излезете и поддржете создавање на нова иднина. Време е за вашиот глас, за Македонија“, порача Мицкоски.