Го слушав вчера Зоран Заев како вели ќе победел во 22 општини во првиот круг, а ВМРО-ДПМНЕ само во 6. Ова ми личи на онаа анегдота кога отишол некој да бара работа, на интервју за работа и се пофалил дека брзо смета, па кога го прашале колку е 24 по 12 и ме прашавте дали знам брзо да сметам, ане точно. Така е и приказната на Заев, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Берово.
„Како и за сé во животот, и на оваа тажна епизода ќе заврши. Тој наградува, меѓутоа тој и казнува. Громогласниот молк на тивкото мнозинство – на изборите ќе се трансформира во огромен народен тресок. Народот кој молчеше, трпеше, гледаше, меѓутоа судеше и чекаше шанса. А таа шанса е недела, 17 октомври. За 2 дена доаѓа народната казна. За 2 дена народот ќе си го врати она што секојдневно овие криминалци го крадат од народот“, кажа Мицкоски.
Тој укажа дека ова се локални избори со суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата, ова се избори каде граѓаните со својот глас праќаат порака до власта.
„Вашиот глас на овие избори е порака до тие кои што ја водат земјава 52 месеци. Дали сакате да владеат со апсолутната власт уште 4 години или сакате промени? Доколку во овие последни денови од кампањата се соочите со нивните методи, оставете ги да мислат дека им верувате. Доколку во деновите до изборниот ден ви даваат секакви ветувања или сакаат да ве поткупат, насмевнете се и одминете ги. Нивните постапки за политичка битка не се нашите постапки. Нивната насилност и притисок не се дел од нашата кампања. Нивниот политички поткуп и лаги, не се нашите особини. Нивното заврши. Крајот се гледа“, порача Мицкоски.