Фудбалскиот стратег Маурицио Сари со неговиот Лацио забележа победа над Интер во тензичната пресметка која се одигра на „Олимпико“ во Рим.
Лацио со пресврт славеше над „нераѕурите“ со 3:1, но во последните 10 минути од мечот се создаде огромна тензија на теренот.
Андерсон погоди за 2:1 во 81-та минута додека Димарко лежеше на земјата, но додека играчите на Интер беа бесни и го нападнаа стрелецот на голот, оние од Лацио посочуваа дека Лаутаро Мартинез не ја прекинал акцијата во претходниот напад.
– Не знам зошто воопшто постои дебата за таа ситуација. Димарко лежеше на земја, а Интер тој напад го заврши со удар кон нашиот гол. Ако некој требаше да ја прекине акцијата во тоа време, тоа беа играчите на Интер. Тие не го направија тоа и за мене ова е чиста ситуација. Решија да продолжат да играат, продолживме и ние. Има многу јасно фудбалско правило за овие ситуации, но вакви поплаки има само во Италија. Ова го нема во Европа, во Лигата на шампионите. Ова се случува само во Италија, – порача Сари по победата од 3:1.