Министерството за здравство сѐ уште не назначило нови директори на болницата во Тетово, каде изгореа 14 луѓе во пожарот кој ја зафати модуларната ковид болница на 8-ми септември годинава. Во пожарот изгореа 12 пациенти, 2 роднини на пациенти, а една пациентка починала уште пред да започне пожарот.
По пожарот и страшната трагедија двајцата директори д-р Флорин Бесими- медицински директор и економскиот Артан Етеми до Министерството за здравство ги поднесоа своите оставки. Од ресорното министерство информираат дека оставките не се реализирани, бидејќи чекале изборите да завршат, оти во предизборен период е забрането промена на функционери.
По трагичниот настан во модуларната болница и министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, си поднесоа оставки, но премиерот Зоран Заев не ги прифати.
Истрагата засега утврди дека електричен кабел се запалил и го предизвикал пожарот. Резултатите пак на стручните лица кои како врвни експерти за пожари и форензичари дојдоа на помогнат во истрагата од Германија, се уште не е обелоденета во јавноста.