Владата на кантонот Сараево денеска на вонредна седница прогласи елементарна непогода во тоа подрачје, предизвикана од поплави и обилни дождови, потврди премиерот на кантонот Сараево, Един Форто.
Одлуката е донесена на предлог на Кантоналниот штаб за цивилна заштита, откако општините Илијаш и Вогошќа прогласија состојба на елементарна непогода, како и општина Илиџа за областите МЗ Доњи Которац, Бутмир, Отес, Осиек, Блажуј. и Вреоце, пренесува Klix.ba.
Форто рече дека одлуката го активира целиот систем во кантонот Сараево и го стави на располагање на Кантоналниот штаб за цивилна заштита.
Како што наведе, можно е и активирање на наменски средства за помош на жителите кои имаат потреба.
– Реагираа трите засегнати општини, а не знам зошто некои не, како Нови Град – истакна Форто.
Ова значи дека Кантоналниот штаб за цивилна заштита презема целосна контрола и команда над сите служби за цивилна заштита, правни лица и јавни претпријатија.
Кантонот Сараево во петокот беше погоден од поплави поради обилните врнежи од дожд кои траеја цел ден и ноќ.
Се излеаја реките Босна, Железница и Тилава, а најпогодено е подрачјето на општина Илиџа.