Луис Хамилтон ја намали предноста на Макс Верстапен во генералниот пласман на 14 поени откако денеска триумфираше на ГН на Бразил. Британецот стартуваше како десети, но ја збриша конкуренцијата, се справи и со Холанѓанецот и мина прв низ целта.
Двата лути ривали првиот дуел го имаа во 48. круг, Макс Верстапен не сакаше да попушти, доцно запираше и го истурка Луис Хамилтон во свиокот број 4, стјуардите го разгледаа инцидентот и оставија битката да биде решена долу на патеката.
11 круга подоцна, на истото место, Макс Верстапен немаше што да бара и Луис Хамилтон изби во водство, и потоа рутински одработи за славје во Интерлагос.
Последното место на пиедесталот му припадна на Валтери Ботас, кој синоќа победи во спринт трката.
Во бодови денес уште завршија Серхио Перез, Шарл Леклер, Карлос Саинц, Пјер Гасли, Естебан Окон, Фернандо Алонсо и Ландо Норис.