Штипската Клиничка болница денеска ги доби двете нови амбулантни возила преку Програмата Грасрут проекти за човечка безбедност. При врачувањето на донацијата присуствуваа и амбасадорката на Јапонија во Република Македонија, Кеико Ханеда и заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлевски. Вредноста на новите возила е 40.262 евра.
– Забележувате дека на возилата има едно слатко маче, тоа е новата маскота на оваа јапонска програма по повод одбележување на јубилејот 30 години од доделувањето грантови во земјава. Овие се првите мачиња во Македонија, бидејќи ова е нашата прва церемонија на успешно завршен проект за оваа година и се надевам дека ви се допаѓаат. Уште еднаш се заблагодарувам на сите што ги поддржуваат нашите пријателски односи: градоначалникот на Општина Штип, заменик министерот Павлевски, директорот на болницата и медицинскиот персонал, Центарот за развој на источен плански регион, како и на сите граѓани на Штип. Се надевам дека преку овие проекти за соработка и многу други размени нашето пријателство ќе продолжи да зајакнува и во иднина, рече Ханеда.
Во Штип преку оваа јапонска програма досега се донирани над 190.000 евра, а во источниот регион над половина милион евра.
– Пред дваесет години добивме огромна донација во вид на медицинска апаратура и возила, од коишто голем дел и ден денес се во употреба. Се надеваме дека и понатаму ќе имаме уште повеќе зеднички проекти со јапонската Влада, којашто многу пати покажала дека е великодушна. Исто така, морам да се заблагодарам и на сите оние коишто помогнаа овој проект да се реализира, тоа се луѓето од Центарот за источен плански регион, како и од Општина Штип, рече Ален Ѓеорѓијев директор на Клиничка болница-Штип.
– Опремата е секогаш потребна за граѓаните. Јас верувам дека со овие возила, нашите служби и доктори овде ќе успеат да спасат многу човечки животи. Затоа уште еднаш сакам да се заблагодарм на амбасадорката. Во иднина очекувам уште многу вакви соработки. Граѓаните на општина Штип ќе бидат секогаш благодарни, истакна градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.
Заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлевски забележа дека нашата земја континуирано добива помош од јапонската Влада.
– Министерството за локална самоуправа и Владата на Република Македонија за свој приоритет имаат да ги подобрат услугите и да ги изедначат услугите за сите граѓани на територија на Република Македонија, а воедно со тоа да се подобри квалитетот на живеење за сите граѓани на Македонија. Ваквите проекти коишто се поддржани од јапонската Влада во континуитет се токму во таа насока, рече Павлевски.