Обвинителот на Италијанската фудбалска федерација нема доволно докази за вмешаност на Јувентус во манипулациите во процесот на добивање италијанско државјанство на Луис Суарез и засега нема основа за казна за клубот од Торино.
Уругваецот беше блиску до трансфер во редовите на Јувентус, за што му беше потребен италијански пасош, а обвинителството утврди дека одговорните на Универзитетот во Перуџа однапред му ги испратиле прашањата на Суарез за тој лесно да го мине испитот.
Федерацијата се активираше по наводите дека Јувентус учествувал во реализација на идејата, но досега не се пронајдени доволно докази дека токму клубот влијаел на вработените во Универзитетот.
Јувентус подоцна се откажа од трансферот и тоа само неколку дена пред да биде објавен скандалот и го доведе Алваро Мората од Атлетико Мадрид. Суарез пак од Барселона се пресели токму во Атлетико.
Обвинителите продолжуваат со постапката која се води против одговорните лица во Универзитетот, за кои се обезбедени и снимени телефонски разговори.