Русија денеска го објави нацрт-договор со САД и НАТО за безбедносни гаранции.
Главните одредби на документот објавен на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи се исклучување на понатамошното проширување на НАТО и влез на Украина во Алијансата, како и НАТО и САД да не распоредуваат дополнителни трупи и оружје надвор од границите на земјите во кои беа во мај 1997 година (пред пристапувањето на источноевропските земји во НАТО), освен во исклучителни случаи со согласност на Русија и членките на НАТО.
Русија, исто така, бара САД и НАТО да се откажат од сите воени активности на НАТО во Украина, Источна Европа, Кавказ и Централна Азија и да не распоредуваат ракети со среден и краток дострел од каде што можат да ја погодат територијата на другата страна (Русија).
Москва, исто така, бара НАТО да не спроведува вежби и други активности со формации поголеми од бригадата во договорената погранична зона и редовно да разменува информации за воените вежби, како и да потврдува дека двете страни меѓусебно не се сметаат за противници и дека, во согласност со договорот, сите спорови ќе ги решава по мирен пат и ќе се воздржи од употреба на сила.
Според објавениот договор, страните би се обврзале да не создаваат услови кои другата страна би можела да ги сфати како закана, а би биле отворени телефонски линии за итни контакти.
Нацрт-договорот е направен на руски, англиски и француски јазик.
Рускиот претседател Владимир Путин пред неколку дена повика на „итни“ преговори со НАТО и САД за руските безбедносни гаранции во услови на тензии околу Украина.
„Владимир Путин ја истакна потребата од итно почнување преговори со САД и НАТО со цел да се утврдат правните гаранции за безбедноста на нашата земја и да се спречи идното проширување на Алијансата на исток и распоредувањето на вооружените системи во Украина и соседните земји што би биле закана за Русија“, се соопшти Кремљ по телефонскиот разговор на Владимир Путин со финскиот претседател Саули Ниист.
Финска е долгогодишен посредник меѓу Русија и западните ривали.
На нивната последна онлајн средба, минатата недела, рускиот претседател побара од американскиот колега Џо Бајден правни гаранции за да се исклучи какво било ново проширување на НАТО, бидејќи Москва смета дека Западот го прекршил своето ветување со отворањето на вратите на Алијансата за земјите од Источна Европа и поранешниот СССР, по распадот на Советскиот Сојуз.
Во таа смисла, евентуалното членство на Киев во Алијансата Русија ќе го смета за црвена линија.
Русија го анектира Крим, украинскиот полуостров, како одговор на прозападната револуција во 2014 година, а Западот во моментов се сомнева дека Русија подготвува нова инвазија на Украина и натрупува свои сили на заедничката граница.
Кремљ ги негира обвинувањата и, напротив, тврди дека НАТО и се заканува на Русија со вооружувањето на Киев и распоредување на се поголем број воздушни и поморски сили во областа на Црното Море.
Путин, исто така, ги обвини украинските власти дека го прекршуваат договорот од Минск, кој содржи насоки за воспоставување мир во источна Украина (Донбас), каде Киев речиси осум години војува со проруските бунтовници, за кои се верува дека добиваат наредби од Кремљ.