Шпанскиот фудбалски гигант Барселона го одбори новиот финансиски план, кој вклучува дополнителни 1.5 милијарди евра за реконструкција на стадионот „Камп Ноу“ и низа други придружни објекти.
Финансискиот план беше одобрен на неделниот референдум на кој се изјаснија 44 отсто од членовите на Барселона, а го поддржаа 87.8 отсто од излезените гласачи.
Барселона за проектот ќе земе кредит од банката „Goldman Sachs“ на период од 35 години, со петгодишен грејс период. Банката во август годинава и позајми на Барселона 595 милиони евра за реструктуирање на долгот.
Проектот е познат како ’Espai Barca‘ и беше изработен во 014 година.
Градежните работи на реновирање на „Камп Ноу“ треба да започнат идната година и да завршат до крајот на 2025, кога капацитетот на стадионот на Барселона ќе се зголеми на 105.000 седишта.
Во проектот за реконструкција влегува и салата „Палау Блауграна“, која треба да биде завршена во 2026 година, а во план е и „Campus Barca‘, односно канцеларии и хотел, чија изградба е планирано да заврши во 2027 година.
Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, рече дека со реконструираниот стадион очекуваат дополнителни 200 милиони евра годишен приход. Тука се вклучени спонзорства, продажба на правото на името на стадионот, приходи од влезници, ВИП ложите и други активности.