вторник, 12. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Украина се жалела на ЕУ поради злоупотреба на Гаспром

Украина се жалела на ЕУ поради злоупотреба на Гаспром

Украина денеска објави дека се пожалила до Европската комисија против Гаспром, обвинувајќи ја руската гасна компанија за создавање „вештачки недостиг на гас“ во Европа, што доведе до историски скок на цените.

– Постапките на Гаспром се антиконкурентни и предизвикаа значителни негативни последици за европските потрошувачи, рече во соопштението Јуриј Витренко, генерален директор на украинската јавна компанија „Нафтогас“.

Според „Нафтогас“, руски „Гаспром“ нагло ја намали продажбата на својот гас на европскиот пазар и во исто време ги блокираше испораките на други руски групи и транзит на гас од Централна Азија во Европа преку Русија, со што директно ги прекрши европските антимонополски прописи.

– Тоа е клучната причина за кризата и за рекордниот скок на цените во Европа, рече Витренко, во време кога цената на гасот достигна нов рекорд.

Украинската гасна компанија смета дека Гаспром се обидува да „создаде вештачки недостиг на гас“ со цел да изврши притисок врз ЕУ да добие одобрение за брзо пуштање во употреба на нејзиниот спорен гасовод Северен тек 2.

Оваа година Русија ја заврши изградбата на тој гасовод долг 1.200 километри, кој треба да ја поврзе Русија со североисточна Германија, заобиколувајќи ја Украина.