вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Американците отвораат база за специјални операции во Албанија

Американците отвораат база за специјални операции во Албанија

Американската команда за специјални операции за Европа (SOCEUR) ќе отвори база во Албанија на ротирачка основа, објави денеска албанскиот премиер, Еди Рама.

SOCEUR, со седиште во Штутгарт, Германија, на својата веб-страница објави дека базата во Албанија ќе обезбеди поголема соработка со албанските сојузници, важен пристап до транспортните центри на Балканот и поголема логистичка флексибилност.

„Ова е фантастична вест… тоа е одраз на многу висок кредибилитет и многу блиска соработка“, истакна Рама во видеопорака, читајќи ја изјавата на SOCEUR.

Албанија е членка на НАТО од 2009 година.

Специјалните сили, високо обучени и опремени со напредна комуникациска опрема и оружје, често се користат во антитерористички или извидувачки операции и можат да се инфилтрираат во непријателските линии.

Сè уште не е целосно прецизирано каква ќе биде улогата на овие американски сили во Албанија.

САД веќе имаат 600 војници стационирани на Косово, со цел да се одржи кревкиот мир повеќе од две децении по војната.