Омикрон варијантата на коронавирусот стана доминантна во Словенија, претежно се шири локално, но има повеќе увезени случаи кај младите кои ја дочекаа Новата година во Белград, а медиумите пишуваат дека омикрон навлегол во една болница.
Меѓу близу 900-те млади кои во организација на словенечка туристичка агенција ги дочекаа новогодишните празници во Белград, досега се потврдени 200 инфекции, а најголем дел од овие инфекции се поврзани со варијантата омикрон, изјави Нушка Чакш Јагер од националниот Институт за јавно здравје (НИЈЗ).
Според податоците од две словенечки лаборатории овластени да анализираат заразени примероци, во Словенија во последните денови доминантна е варијантата „омикрон“.
Националната лабораторија за здравје, животна средина и храна (NLZOH) во петокот соопшти дека меѓу нивните позитивни ПЦР тестови, процентот на омикрон веќе бил 63 проценти.
Учеството на омикрон е уште поголемо во мострите анализирани на Институтот за микробиологија и имунологија (ИМИ) и изнесува 82 отсто, потврди првиот човек на установата Мирослав Петровец.
Според словенечките медиуми, најголемиот број потврдени случаи на омикрон е резултат на локалното пренесување кај населението, а повеќето заразени на епидемиолозите, кои бараат нивни контакти, им велат дека не знаат каде се заразиле или дека најверојатно се работи за семејна инфекција.
Како што соопшти Словенска телевизија, потврдено е дека варијантата омикрон навлегла и во болницата „Јесенице“, каде се заразени 11 вработени и 11 пациенти, а поради тој случај, одделението за абдоминална хирургија е затворено и нема да прима пациенти до дополнително известување, пренесе „Хина“.