На повеќе локации во Србија, Здружението на еколошки организации на Србија и оваа сабота повторно организираше блокади со барање да се прекине проектот „Јадар“ на компанијата „Рио Тинто“ за експлоатација на литиум, а денеска за првпат беше блокиран и еден граничен премин, преминот „Трбушница“ кај Лозница кон БиХ, јави дописникот на МИА од Белград.
Во Белград блокадите беа организирани на мостот Газела, кај Сава Центар, со еден помал инцидент, кога возач се обиде да помине низ блокадата.
Блокади имаше и во Прељина, Ужице, Шабац каде се случи инцидент кога еден од возачите се обиде да помине низ демонстрантите. И во близина на Прељина возачи се обиделе да поминат низ група луѓе.
На два кружни тека што водат до центарот на Чачак и автопатот Милош Велики се формираа километарски колони што водат кон оваа многу фреквентна локација.
Еден од водачите на Еколошкото востание, Александар Јовановиќ Ќута, за време на блокадата на автопатот кај Сава Центар изјави дека протестите во Србија нема да престанат додека не се укине владината уредба за просторниот план за проектот „Јадар“ и не се објави се што е потпишано со компанијата Рио Тинто.