Рускиот претседател Владимир Путин ја води својата земја во пропаст, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, јави ДПА.
– Никогаш нема да ги оставиме Украинците на судбината, додаде таа пред да замине на состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, Г7 и ЕУ.
Според неа, луѓето ќе бидат снабдени со итна хуманитарна помош, а ќе им се пружи и друга материјална помош. Санкциите кон Русија, истакна Бербок, ќе бидат спроведени целосно и доследно.
Бербок смета дека единственото нешто што Путин го постигнува со оваа војна е непроценливо страдање на сите страни.
– Токму како што неодамна направивме во Њујорк, ќе продолжиме да му покажуваме, економски и политички, дека мора да очекува затворена трговија и глобална изолација за Русија, доколку продолжи по овој пат. Неговата војна против Украина носи и пропаст за неговата сопствена држава, подвлече Бербок.
Шефицата на германската дипломатија нагласи дека нема сомнеж оти крајната цел на Путин е цела Украина.
– За него, тоа е перфидна игра, за луѓето во Украина – борба да се остане жив, додаде Бербок.