Пентагон воспостави нова „жешка линија“ со руското Министерство за одбрана за да спречи „погрешни пресметки, воени инциденти и ескалација“ во регионот додека продолжува рускиот напад врз Украина, изјави американски официјален претставник за Ројтерс во четвртокот.
САД велат дека немаат војници во Украина, но тие и сојузниците на НАТО во Европа се загрижени поради специјалните операции на руската војска на украинска територија. Соединетите држави и нивните сојузници, исто така, насочуваат оружје во вредност од милиони долари кон украинските вооружени сили, кои користат оружје против руските трупи, и покрај предупредувањата на Москва за странско мешање.
– Министерството за одбрана неодамна воспостави линија за деконфликт со руското Министерство за одбрана на 1 март, со цел да се спречат погрешни пресметки, воени инциденти и ескалација – изјави висок официјален претставник на американската одбрана, кој сакаше да остане анонимен, потврдувајќи го потегот кој прв го објави NBC.
Војската на САД успешно воспостави директни телефонски линии со Русија во минатото, вклучително и за време на војната во Сирија, каде Москва интервенираше на страната на сирискиот претседател Башар ал Асад. Таму САД и Русија водеа паралелни воени кампањи, а САД беа фокусирани на борбата против Исламската држава. Овој потег е само последен обид за намалување на растечките тензии меѓу САД и Русија, каде што рускиот претседател Владимир Путин минатиот викенд објави дека ги става своите нуклеарни сили во состојба на висока готовност.
Министерот за надворешни работи на Путин, Сергеј Лавров, беше цитиран во средата дека предупредил дека „Третата светска војна ќе биде нуклеарен конфликт“, што дополнително ја зголемува непријатноста. Американската војска во средата соопшти дека ќе го одложи планираното пробно лансирање на интерконтиненталната балистичка ракета Minuteman III.
– Препознаваме, во овој момент на тензија, колку е важно и САД и Русија да го имаат предвид ризикот од погрешно проценување и да преземат чекори за да ги намалат тие ризици, изјави во средата портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, објавувајќи го потегот.