Лидерите на земјите-членки на ЕУ денеска во Версај разгледуваат можно двојно зголемување на средствата наменети за воена помош за Украина, изјави денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
-Тоа е она што ќе го направиме и сигурен сум дека лидерите ќе го одобрат тоа, тие пари. И тоа ќе се случи веднаш, рече високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на почетокот на самитот.
-Вчера предложив да го удвоиме нашиот придонес со воена помош во вредност од 500 милиони евра, додаде Борел.
Пред нешто повеќе од една недела, за прв пат во историјата, Европската унија одлучи да финансира воена набавка и испорака на оружје и опрема на една земја.
За таа цел е формиран механизам од 500 милиони евра.
-Мислам дека сите се согласија дека работите се сменија од 24 февруари, рече естонската премиерка Каја Калас на почетокот на средбата, осврнувајќи се на првиот ден од рускиот напад.
Лидерите на ЕУ, исто така, разговараа за тоа како да се подобри одбранбената соработка меѓу земјите-членки и да се ублажат економските последици од војната, како и можноста за дополнителни санкции.
-Самитот е и можност средствата за одбрана да се трошат поефикасно, рече премиерот на Луксембург Ксавиер Бетел. „Во Европската унија трошиме повеќе пари на воени трошоци отколку Русија. Но, купуваме толку многу различни работи што трошиме премногу пари, рече Бетел.
Бетел се изјасни и против избрзаните барања за нови санкции против Русија, откако Летонија, Литванија и Полска вчера побараа забрана за увоз на руска енергија.
-Оние кои ќе смислат нови санкции се оние кои утре ќе се вратат и ќе кажат: Ни требаат повеќе пари, рече Бетел.
Тој очекува дека лидерите на земјите членки на ЕУ ќе разговараат и за економијата да биде помалку зависна од материјали од трети земји. (МИА)