НАТО денеска ќе им каже на своите воени команданти да направат планови за нови начини за одвраќање на Русија по нападот на Украина и да размислат за распоредување дополнителни војници и поставување противракетна одбрана во Источна Европа, пишува „Ројтерс“, цитирајќи неименувани официјални лица и дипломати.
Министрите за одбрана ќе се состанат денеска во седиштето на НАТО, нешто повеќе од една недела пред лидерите на сојузниците, вклучително и американскиот претседател Џозеф Бајден, да се соберат во Брисел на 24 март.
Министрите ќе го слушаат и својот украински колега Олексеј Резников, кој се очекува да се заложи за набавка на повеќе оружје од одредени земји од НАТО.
-Мораме да ја рестартираме нашата воена позиција за оваа нова реалност, изјави вчера генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, додавајќи дека министрите ќе започнат важна дискусија за конкретни мерки за зајакнување на безбедноста на членките на НАТО на долг рок и во сите домени.
Иако најмалку 10 од најголемите членки на НАТО, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Франција, распоредија повеќе војници, бродови и воени авиони на нивните источни крила и ги ставија во состојба на готовност, Алијансата сè уште треба да размисли како да се, средорочно гледано, справи со новата безбедносна ситуација во Европа.