Во последниве две години под жестоки удари на глобалната пандемија, се соочуваме со последици изразени како досега незапаметена здравствена, економска, енергетска, инфлаторна и социјална криза. Инвазијата на Русија врз Украина предизвика нова економска криза со потенцијал од епски пропорции. Влеговме во уште една поголема неизвесност која се заканува да биде катастрофална за нашата национална економија со енормно зголемени притисоци од неконтролираниот раст на светско ниво кај цените на храната, суровините и енергијата. Светските економии се соочуваат со нови несигурности и предизвици кои незапирливо брзо се прелеваат од една земја во друга земја, а тоа најмногу ги загрозува посиромашните економии затоа што тоа е „смрт“ за бизнисот и инвестициските активности. Новата геополитичка, економска, енергетска и социјална реалност наметнува потреба за нов и енергичен пристап за изнаоѓање на конкретни решенија за отворените, горечки прашања. Ова е време на вонредно тешки предизвици, а во период на криза со сите елементи на „виша сила“, неизбежно се менуваат и приоритетите со цел да се изнајдат најдобри и најефикасни решенија.
Во услови на вакви драматично загрижувачки состојби, мојата совест не ми дозволува да бидам само пасивен академски набљудувач и „мудар сеирџија“ кој салонски анализира, говори и пишува популистички колумни. Како одговорен граѓанин недвосмислено алармирам дека нашата држава не смее и понатаму да си дозволи „економски мазохизам“ и упорно да го игнорира неоправдано стигматизираниот потенцијал за инстантно ефектуирање на стратешки круцијална поддршка за националната економија. Неопходно е, час поскоро, да се организира конструктивен дијалог со глобалниот деловен гигант – групацијата Трафигура која е и најголемиот инвеститор во мега инвестицискиот Проект на компанијата Еуромакс Ресоурцес. Имено, Трафигура е една од водечките независни трговски, дистрибутивни, логистички и производни компании во секторот на круцијално потребните „commodities“ или берзанските суровини како нафтата и нафтените деривати, природниот гас, „green“ минерали и метали неопходни за новите технологии со кои се намалуваат ефектите од глобалните климатски промени и се овозможува постепената транзиција кон декарбонизирани и обновливи извори на „зелена“ енергија.
Да потсетам, неодамна групацијата Трафигура го објави годишниот извештај за финансискиот период на 2021, кој покажува рекордно високи резултати и одлична подготвеност за уште позасилен иден развој и нови инвестиции во светот. Вкупниот промет, тргуваниот волумен, приходите и чистиот профит во 2021 се највисоки во нивната историја со што се демонстрира структурна и квалитативна конзистентност на деловните и финансиските показатели. Нивниот приход (revenue) е зголемен за 57 проценти во однос на 2020 и изнесува 231.1 милијарди долари, што е за цели 16 пати поголем износ од македонскиот БДП!
Од највисокиот менаџмент на групацијата, во неколку наврати аргументирано ни порачуваат дека се целосно подготвени брзо и ефикасно да продолжат со ефектуирање на постојната инвестиција во рударскиот комплекс „Иловица-Штука“ која само за првите 2 години изнесува 350 милиони евра , а ќе обезбеди и околу 3200 директни и индиректни работни места!
Доколку нашата држава и на дело манифестира реален „пријателски однос“ кон странските инвеститори , тие се веднаш спремни да стартираат и сосема нови мега-инвестициски проекти од интерес на Република Северна Македонија, посебно во стратешки важниот енергетски сектор. Во овие кризни времиња важно е да се нагласи дека тие несомнено имаат потенцијал (секако доколку нашата држава тоа би го побарала!) да помогнат со интервентно обезбедување и достава на неопходни енергенси и други круцијално важни суровини и производи!!!
Во спротивно, за жал тие ќе бидат принудени неизбежно да ја покренат легитимната постапка за заштита на своите права како странски инвеститор, односно да ја активираат веќе одамна подготвената меѓународна арбитражна постапка пред „Интернационалниот центар за заштита на инвестициони спорови“ (ИЦСИД во Вашингтон), или пред ад хок Судот воспоставен во согласност со арбитражните правила на Комисијата за меѓународно трговско право на Обединетите Нации (УНЦИТРАЛ). Со оглед на планираната долгорочна функционалност на овој Проект, искуствено би се очекувало огромно оштетно финансиско побарување кон нашата држава кое ќе треба сите ние како и нашите поколенија да го отплаќаме. Треба да бидеме рационално свесни дека и самиот чин на евентуалното покренување на ваков високо профилен арбитражен спор, гласно ќе одекне во деловните и финансиски кругови во Европа и светот, што значајно ќе ја руинира репутацијата на нашата земја и ќе ја маркира на светската мапа како непосакувана и несигурна дестинација за големите странски инвестиции.
Едно е сигурно – не смееме да си дозволиме таков „луксуз“ и пасивно да чекаме олујното невреме да помине, туку активно да се потрудиме и научиме да „играме“ и на поројниот дожд и силниот ветер. Да, реалноста на животот повремено наликува на машина за перење облека која те превртува, полива, те гмечи и удира, но на крај од „програмата“ излегуваш почист, поцврст и поискусен за да можеш да се справуваш со старите и нови предизвици. Во кризни времиња пасивноста, игнорантноста и деструктивноста со својата „мртва тежина“ не притискаат и се всушност најголемата неправда кон нас самите. Додека ние и понатаму упорно пимпламе со односот кон нашата колективна иднина, развиениот свет незапирливо оди напред и постојано се менува. Неопходно е конечно да развиеме способности за адаптабилност за да ги препознаеме и прифатиме промените како можности… да успееме да управуваме со промените и преку нив да реализираме прогрес и поквалитетни услови за достоинствено живеење.
За сите вас кои подолго паметите, сосема е јасно дека луцидната изрека искористена во насловот на овој текст – „АКО САКАШ ДА ПОБЕДИШ, НЕ СМЕЕШ ДА ИЗГУБИШ! “, е позајмена од ултрапопуларниот комично-сатиричен италијански стрип (креиран од Max Bunker & Magnus во печат од 1969 година) насловен по централниот лик на „агентот“ – „Алан Форд“, дел од незграпната агентска група „ТНТ“ која оперира од нивното седиште – комична цвеќара во Њујорк. Стрипот изобилува со нивни дијалози набиени со надреален црн хумор и саркастични коментари кои ги исмеваат социјалните деформации на американското општество, капитализмот и расизмот. Легендарните ликови на сите „агенти“ од групата се прикажани како первертирано некомпетентни и мрзеливи, но сепак интелигентни и лукави, посебно кога тоа им одговара на нивните лични интереси…
Се надевам дека и во овие тмурни времиња, дел од нивните безвременски изреки ќе измамат насмевки на вашите лица :
- „Кој не сака кога може, нема да може кога сака.“
- „Имало и поголеми проблеми, па не сме ги решиле.“
- „Да бидеме луѓе не е тешко, па и на мајмуните им успеало.“
- „Подобро да си помалку глупав отколку помалку паметен.“
- „Ова се моменти за големи одлуки! Подобро е да се живее 100 години како милионер, отколку 7 дена во сиромаштија и беда!“
…
Драги пријатели, од мене толку во оваа прилика а што би забележал генијалниот преведувач на стрипот за поранешна Југославија, Ненад Брикси од Хрватска – „тко разумије, схватит ќе“.
Д-р Живко Груевски