понеделник, 11. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Пич: Србија треба да одлучи во која насока ќе оди

Пич: Србија треба да одлучи во која насока ќе оди

Британскиот пратеник за Западен Балкан, Стјуарт Пич, денеска изјави дека Србија е една од ретките земји кои не воведоа санкции кон Русија поради инвазијата на Украина, но го поздрави фактот што официјален Белград се приклучи кон осудата на Русија во ОН, јави дописникот на МИА од Белград.

За тоа дали е време Србија да одлучи во која насока ќе оди – поблиску до Запад или кон Русија, британскиот пратеник кажа дека „Белград треба да ја избере позицијата“.

Пич во изјава за Хина порача дека британската Влада го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за, како што наведе, „дијалогот меѓу тие две земји“.

Тој кажа дека Србија веќе осум години води пристапни преговори со ЕУ, но со спроведувањето на реформите за приближување до Унијата, клучни ќе бидат односите на Белград со Приштина. Тој посочи дека Британија ги охрабрува сите влади во регионот на евроатлантскиот пат и патот кон ЕУ, бидејќи „мислиме дека тоа им дава најдобра надеж на луѓето во регионот за подобра иднина, ослободена од војна“.

-Почитуваме ако земјите од регионот не сакаат да влезат во НАТО, но оние кои сакаат треба да ја добијат таа можност, изјави Пич, додавајќи дека истото важи и за влезот во ЕУ.

Зборувајќи за ситуацијата во БиХ, Пич оцени дека иако ситуацијата во оваа земја е загрижувачка, тоа е политичко прашање, а не безбедносна криза. Тој додаде дека „руската војна во Украина е предизвик кој не смее да се прелее на Балканот“.

Пич го поздрави неодамнешното зголемување на бројот на војниците на ЕУФОР во БиХ од 600 на 1.100 и порача дека тоа е, „видлива демонстрација на присуство“. (МИА)