Благодарение на високата победа во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, македонската ракометна репрезентација ќе игра против Чешка во последното бараж коло за пласман на ракометниот мундијал, а целта дефинитивно е да го продолжиме континуитетот играње на најголемите и најважни ракометни собири.
– Не ме изненади ништо од овој натпревар, особено не Пасквал. Дефанзивата која ја постави, мене ми е позната од времето во Барселона. Многу е тешко да се пробие оваа одбрана и не беше лесно. Направивиме голема работа на овој двомеч, Романија е сериозна репрезентација со многу сериозен и искусен тренер. Не бевме ниту толку лоши, колку што тие беа добри во одбрана денеска. Ќе направиме анализа на овие два меча и ќе видиме што беше добро, а што лошо. Не чека Чешка, овие момци сега се мои колеги и другари, но истовремено сум и селектор. Односот е поинаков, јас имам поголема одговорност како селектор. Ние сме на добар пат и имаме потенцијал. Мора да се мобилизираме и да продолжиме да го развиваме спортот број еден во земјата. Да го одржиме контиунитетот со настап на големи натпреварувања, – изјави Лазаров кој на свои 42 години одигра цел меч против Романија.
– Знам дека направив грешки, но имам 42 години. Одиграв цел меч на 42 години и знаев дека мора да го направам тоа. Немавме алтернатива, знам дека мечот не беше убав за око, но мора да се снајдете и така. Одредени играчи се закочија од атмосферата, тежината на мечот си го направи своето и неколкумина не беа полетни како обично. Сепак, најважно е што одиме понатаму, – додаде капитенот и селектор на репрезентацијата.