недела, 17. декември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Нафтата на светските берзи повторно расте, ќе расте и цената на горивата сметаат експертите

Нафтата на светските берзи повторно расте, ќе расте и цената на горивата сметаат експертите

Цените на горивата ќе продолжат да растат, ова се прогнозите на дел од експертите откако една недела по ред цената на барел нафта на светските берзи повторно урива рекорди.

Константин Димитров вели тешко е да се прогнозира, но колку повеќе трае кризата во Украина, очекувано ќе влијае и на светските берзи.

„На прагот ни е уште посериозни ограничувања во економиската војна кога многу лесно може да прерасне во физичка, не само во Украина малку пошироко. Гледате дека горивата се потребни за воените машини и за индустријата. На таков начин сите купуваат повеќе за да имаат резерви, јасно е дека ќе расте цената, а се смалуваат насоки на движење на горивата, јасно е дека ќе расте цената. “ изјави Константин Димитров, енергетски експерт.

Неколку дена по ред и кај нас цените на горивата повторно бележат зголемување по 2 и 3 денари. Дел од граѓаните кои ги анкетиравме сметаат дека државата треба да преземе и нови мерки за намалување на ценовниот шок.

А, за намалување на руската зависност од гас и нафта, Европскиот совет синоќа одлучи колективно да набавува течен гас во име на земјите членки. Вклучена во тоа, заедно со земјите од Западен Балкан ќе биде и Македонија. Министрот за надворешни Бујар Османи објаснува дека колку земјава има потреби за гас и нафта, Европската комисија тие количини ќе ги набавува во наше име.

„Ако се сеќавате кога ЕК вака набавуваше вакцини за земјите членки, ние не бевме вклучени во таа колективна набавка на вакцини на почетокот. Сега ЕУ се поставува така како што треба и ние сме рамноправно вклучени, така што мислам кај нас тоа ќе влијае во намалената зависност.“ изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.

По руско-украинската криза цените на горивата и кај нас „експлодираа“ и скоро ја стигнаа и 100ката. Со измените во законот за ДДВ и акцизи значително се намалија, но изминатата недела цените повторно забележаа зголемување.