Британската полиција денеска соопшти дека ќе бидат изречени 20 казни за собирање во канцеларијата и резиденцијата на премиерот Борис Џонсон, со што беа прекршени правилата за карантин поради коронавирусот.
Полицијата истражува 12 собири одржани во Даунинг стрит и британскиот кабинет во 2020 и 2021 година, откако внатрешна истрага покажа дека блиски соработници на Џонсон присуствувале на забави на кои се служел алкохол, а на некои од нив присуствувал и самиот британски премиер.
Полициската акција првпат потврди дека службениците во седиштето на Владата ги прекршиле прописите што британските власти ги донеле за да спречат ширење на Ковид-19.
Лицата кои ќе бидат казнети нема да бидат идентификувани, но британската Влада претходно најави дека ќе соопшти дали меѓу нив е и премиерот Џонсон.
– Денеска прво ќе започнеме со издавање 20 прекршочни казни поради прекршување на прописите за Ковид-19, се наведува во соопштението на лондонската полиција.
Опомените во вид на парични казни се издаваат на оние лица за кои се смета дека ги прекршиле правилата за Ковид-19, а казната за присуство на собир на повеќе од 15 лица изнесува 800 фунти. (МИА)