четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Историјата се повторува: Во Шангај бебињата и децата се одвојуваат од нивните родители ако некој има Ковид

Историјата се повторува: Во Шангај бебињата и децата се одвојуваат од нивните родители ако некој има Ковид

Кина повторно прибегнува кон радикални мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, кои вклучуваат одвојување на бебињата и децата од нивните родители.

Шангај денеска ја бранеше одлуката за одвојување на децата од нивните родители доколку некој е позитивен, додека фрустрациите кај граѓаните во милионскиот град растат поради карантинот и зголемениот број на пациенти.

Околу 25 милиони луѓе во Шангај, најголемиот кинески град и финансиски центар, се во карантин додека властите се обидуваат да го спречат најлошото ширење на вирусот од почетокот на пандемијата во Вухан. Според строгите правила, секој што е позитивен, дури и ако се работи за благ или дури асимптоматски случај, мора да биде изолиран од незаразени лица.

Тоа ги вклучува децата кои се позитивни на тестот, а членовите на семејството не се заразени, потврдија денеска здравствените власти.

-Доколку дете е помало од седум години, ќе се лекува во центар за јавно здравје. Постарите деца и тинејџерите ќе бидат изолирани во централните карантини – рече Ву Чианју, претставник на Здравствената комисија во Шангај.

Родителите и старателите го изразија својот гнев и незадоволство на социјалните мрежи.

– Родителите мора да ги „исполнат условите“ за да бидат со своите деца. Тоа е апсурдно. Па, тоа е нивното основно право – се наведува во еден од коментарите на социјалната мрежа Веибо.

На мрежите се шират снимки чија автентичност не е потврдена, на кои се гледаат деца и бебиња како лежат во државните здравствени домови.

Ву, официјален претставник од Шангај, вели дека оваа мерка е неопходна за да се контролира ширењето на вирусот.

– Објаснивме дека децата чии родители се позитивни можат да бидат заедно – изјавила таа.

Шангај во понеделникот пријави 9.000 нови случаи. Властите првично ветија дека нема да го затворат целиот град, но дека тоа ќе биде локално заклучување во одредени населби каде што се регистрирани пациентите.

Откако бројот на заболени луѓе растеше со недели, градските челници признаа дека нивната тактика не вродила со плод. Потоа ја воведоа фаза 2 од карантинот, кој првично требаше да трае четири дена, за да се изврши масовно тестирање на жителите. Поминаа неколку дена, па граѓаните се плашат дека долго ќе останат затворени во куќите и дека ќе им биде забрането долго да шетаат надвор, како и да ги изнесуваат своите миленици.