Русија и Украина извршија размена на заробеници, изјави денеска руската комесарка за човекови права Татјана Москалкова за време на работната посета на Владимирската област.
„Последната размена беше 86 за 86“, рече Москалкова, без да прецизира кој е на листите за размена.
Во исто време, размената на четворица вработени во Росатом кои останаа во Украина, според неа, пропаднала во последен момент.
„Четворица работници на Росатом, за кои ја прашав украинската страна, се пронајдени, тие се живи. Не знаеме каде се сега, беа на списокот за размена, но во последен момент беа исклучени поради реципроцитет. Киев смета дека украинските цивили треба да бидат ослободени во исто толкав број, нивниот список ми е даден и сега работам на тоа“, рече Москалкова.
Таа додаде дека руската страна во моментов работи на враќање на морнарите и возачите на камиони кои се нашле на територијата на Украина.