недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Поранешниот началник и чуварот на сплитскиот воен затвор „Лора“ осудени за злосторства врз цивили

Поранешниот началник и чуварот на сплитскиот воен затвор „Лора“ осудени за злосторства врз цивили

Поранешниот началник на воениот истражен затвор „Лора“ во Сплит, Томислав Дуиќ и чуварот Емилио Бунгур денеска во Сплит се осудени на повеќегодишна затворска казна за воени злосторства врз цивили во затворот во 1992 година.
Дуиќ е осуден на осум и пол години затвор, а Бунгур на четири години и десет месеци.
Двајцата ја негираа вината во текот на постапката и се изјаснија за невини.

На двајцата им се судеше на повторно судење, бидејќи во времето на првото судење беа во бегство, а во 2015 година побараа повторно судење. Дуиќ и Бунгур се во бегство повеќе од една деценија.

Тие веќе се осудени за воени злосторства против цивили во случајот познат како „Лора 1“, Дуиќ на осум години и Бунгур на шест години затвор.

Судењето беше повторено, а потоа споено со случајот „Лора 2“, во кој неколку поранешни воени полицајци беа осудени за воени злосторства врз воени затвореници од поранешната ЈНА и српските паравоени единици.

На крајот на 2017 година двата случаи беа раздвоени, а на Дуиќ и Бунгур им се судеше во посебна, обновена постапка.

Судењето за воени злосторства во воениот истражен затвор во Сплит траеше со години, а првото обвинение против осум лица беше покренато во 2002 година. (МИА)