Смртта на ракометарот на Бутел Скопје, Денис Тот (27), во моментов е топ-тема во Македонија. Хрватскиот интернационалец почина во болница откако бил донесен во бесознание во раните утрински часови по забава во дискотека.
Првата верзија за настанот која се рашири низ македонските и хрватските медиуми беше дека Тот бил нападнат и претепан. Но, МВР излезе спротивно на овие тврдења и истакна дека немало траги на насилство на неговото тело, а потоа и од Клиниката во Скопје информираа дека ракометарот бил донел без срцева акција, односно, наводно, се работело за срцев удар. Лекарите се бореа за неговиот живот, но за жал, борбата заврши безуспешно.
За настанот кој го зави македонскиот ракомет во црно говореше и Анте Гаџа, хрватскиот интернационалец кој настапува за Вардар 1961. Во изјава за „Вечерњи Лист“, тој откри нови детали кои ги чул, иако со Тот не се познавал многу.
„Страшно е тоа што се случи. Не го познавав Тот така добро, знаевме да се поздравиме и да си размениме неколку збора кога игравме еден против друг. Ниту се гледавме, ниту се дружевме надвор од терен. Што се однесува до пишувањата за евентуален напад, тоа ме чуди затоа што сите тука во Македонија го сакаат ракометот. Лично сум немал проблеми во градот и не верувам дека некој го нападнал туку-така. Кружат секакви приказни, така што не знам што би кажал, а да е близу до вистината. Соиграчите во соблекувалната зборуваа дека келнерка го нашла како лежи во тревата, па повикала брза помош“, изјави Гаџа.
Вардар 1961 и Бутел Скопје треба да се судрат на домашната сцена ова коло, но не е познато дали натпреварот ќе се одигра во предвидениот термин поради трагедијата.