четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Зеленски: Ова веќе не е војна, туку терористичка операција

Зеленски: Ова веќе не е војна, туку терористичка операција

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја спореди руската блокада на илјадници цивили во разурнатиот Мариупол со терористичка операција.

Имено, украинските команданти на терен тврдат дека руските сили не го почитувале прекинот на огнот за да ги отворат коридорите за евакуација и дека продолжиле да го бомбардираат градот.

Да потсетиме, Мариупол беше целосно уништен од неколкунеделното руско бомбардирање и гранатирање. Десетици илјади цивили, кои живеат во нехумани услови, сè уште чекаат евакуација, соопштија украинските власти. Вчера, по серијата неуспешни обиди за евакуација, четири автобуси полни со цивили го напуштија Мариупол, но тоа беше само капка во океанот.

– Силите на Руската Федерација не ни дозволуваат да поминеме низ окупираните 120 километри за да стигнеме до Мариупол. Преговараме и отвораме хуманитарни коридори и некои луѓе успеваат да избегаат. Но, илјадници жители на Мариупол се уште се блокирани, а Русија не им дозволува да одиме безбедно, изјави Зеленски за француската телевизија BFMTV.

– Во Мариупол блокирани се жители, деца, стари лица и ветерани. Oва веќе не е војна, туку терористичка операција на Русија против Мариупол и жителите на тој град, рече Зеленски.