Пред неполн месец бугарскиот премиер Кирил Петков со речиси цел државен врв, освен Румен Радев, присуствуваа во Битола на отворањето на културниот центар „Иван Михајлов“ или Ванчо Михајлов, контраверзна историска личност, поддржувач на Хитлер и нацистите.
Да потсетиме, со доаѓањето на Кирил Петков на власт во Бугарија, започнаа онаа охрабрувачка реторика околу спорот кој Бугарија и го наметна на Македонија како услов за влез во ЕУ, па оттука со првата средба на 18 јануари, датум кој не беше случаен, имено на овој датум Бугарија ја призна Македонија под уставното име, па се до отворањето на културниот центар во Битола, владееше една прозападна атмосфера кај бугарските власти околу овој спор.
Се сеќаваме на оние 5+1 барања, па со доаѓањето на Петков во Македонија станаа 4+1, па сета онаа ПР-структура кај нив, но и кај нас, на европско однесување, пораки, средби… се до отворањето на културниот центар во Битола.
Оттогаш Бугарите како да почнаа да го покажуваат вистинското лице, а Петков иако на тој настан изгледаше како да беше со сила дојден, сепак дојден, Бугарите како да свртеа нов лист и од прозападњаци, станаа најголемите кочничари кога е Македонија во прашање.
Тоа беше очигледна провокација од бугарската страна знаејќи какви реакции ќе има во Македонија, а големото присуство на полициските специјалци во Битола беше добра причина тие да нè обвинат за немање на човекови слободи, што е и еден од предусловите во преговарачката рамка за влез во ЕУ.
Потоа со објавувањето на основачот на културниот центар, нападите кои од македонска страна беа изразени кон него, за да најнова причина им биде навивачки транспарент кој беше истакнат во Битола на ракометен натпревар.
Следеше „перење“ на Петков во едно недамнешно интервју, во кое најави одложување на ветото, но и тоа е знак на прашање, бидејќи за тоа треба да добие амин од бугарскиот парламент.
Но, Бугарија не е единствениот проблем кој Македонија го има!
Вчера на втори мај, на Рамазан Бајрам, наместо со семејството, членовите на ДУИ, сите нејзини истакнати и видни членови се нацртаа во Слупчане на отворањето на споменикот на „УЧК“, терористичка организација која во 2001 година предизвика војна во Македонија.
Споменик висок повеќе од дваесетина метри, на чиј врв беше истакнат двоглав орел беше откриен од Али Ахмети и уште неколку членови на ДУИ.
Во своето обраќање Ахмети рече дека тој споменик треба да претставува столб на обединување, како и дека Македонија без УЧК не може да има ниту историја, ниту иднина.
-Овој споменик не нè дели, овој споменик нè обединува. УЧК е дел од нераскинливата историја на оваа земја. Не може да има историја оваа земја без УЧК, не може да има иднина оваа земја без најголемото достигнување. Да потсетиме дека без УЧК оваа земја нема историја и иднина. Иднината на државата е обележана токму со овие три златни букви и генеза од 2001 година. Дури и Охридскиот мировен договор е резултат на оваа армија, како и идниот договор од Преспа кој не направи членки на НАТО. Вечноста е во делото на војниците на слободата, во благословот на нашите мајки, во маченичките маченици и во посветувањето на татковината, изјави меѓудругото Ахмети.
На истиот овој споменик беше истакнато и огромно албанско знаме, а од друга страна Ахмети вели дека овој споменик е обединувачки, се поставува прашањето, за ЧИИ ИНТЕРЕСИ РАБОТИ АХМЕТИ?
Ако од една страна Бугарија со нереални барања го блокира нашето членство во ЕУ, од друга страна Албанија сака да побара разделување од Македонија на патото кон унијата, а Ахмети гради споменици на терористички организации, со огромни албански знамиња, нормално е да се запрашаме, за чии интереси работат Ахмети и ДУИ?
Ширењето на националистичка реторика кое ДУИ постојано го практикува кога е во мала криза дава погрешно светло кај македонскиот електорат, па кога ќе се јават оние силни реакции од граѓаните излегува Артан Груби и вели дека тие тоа го сметаат за соживот.
Но и Груби вчера не изостана со својата изјава околу овој споменик.
Имено, тој во стилот на својот партиски лидер рече дека споменикот е посветен на паднатите борци на ОНА.
-Затоа овој споменик не е за поделба туку е за обединување, и мора така да се доживува од сите граѓани, бидејќи немаше никаква провокација, немаше ниту било каква намера да биде против било кого друг, туку да се одбележи еден историски момент како што е војната од 2001 година. Инаку подготовката за тој споменик е започната години наназад, уште кога градоначалник беше Садула Дураку и ги има поминато сите филтри низ општинските процедури за да биде целосно легитимно, истакна Груби.
Е сега доколку ги земеме во предвид прво реакциите на социјалните мрежи, а потоа на политичките партии ќе видиме дека овој споменик не само што нема да нè обедини, туку дополнително ќе ги влоши односите помеѓу Македонците и Албанците.
Доколку Бугарија во јуни не го тргне ветото за Македонија, а Албанија побара раздвојување во процесто, што е следно што Ахмети би барал, можеби отцепување на територии?
Секако тука да не го заборавиме и НАТО, кој тоа не би го дозволило, но она што во моментов се случува во Македонија е далеку од соживот, а она што на македонските граѓани најмногу им смета е молчењето од Ковачевски и владата.
На Бугарите им се удоволува сè, на Ахмети и ДУИ исто така, се понижуваме како држава и нација, а сакаме другите да нè почитуваат.
Едното со другото не оди, додека не покажеме заби и карактер не можеме да бараме другите да нè почитуваат и сфатат сериозно, бидејќи колку повеќе „коленичиме“ толку повеќе ќе нè газат.
Во моментот кога на маса силно ќе удриме и ќе им дадеме до знаење на противниците дека доста беше, до тука можете, тогаш може да очекуваме видливи резултати.
Доста беше Али Ахмети да си тера националистички реторики за билдање на партискиот рејтинг, време е да му се застане на патот, бидејќи Македонија мора да оди напред!
Ристе Здравков