Организацијата за заштита на човековите права, Хјуман рајтс воч (ХРВ) денеска соопшти дека документирала нови случаи на „очигледни воени злосторства“ извршени од руски војници во два региони во Украина.
Во извештајот на ХРВ се наведува дека руските сили кои го контролираат најголемиот дел од регионите Киев и Чернигов од крајот на февруари егзекутирале цивили по кратка постапка, вршеле тортура и други тешки злоставувања.
Во извештајот се укажува на она што ХРВ го опиша како 22 очигледни егзекуции по кратка постапка, девет други незаконски убиства, шест можни присилни исчезнувања и седум случаи на тортура.
Вкупно 21 цивил им го потврдија на истражителите на ХРВ незаконското лишување од слобода во нечовечки и понижувачки услови, се вели во соопштението.
ХРВ повика наводните злоупотреби да бидат „непристрасно истражени и соодветно кривично процесирани“.
Русија негираше дека цивили биле нејзина цел или дека е вмешана во воени злосторства и ја обвини Украина за фалсификување злосторства за да ги заштити своите сили.