Спасувачите досега извлекоа 11 тела од под урнатините на десеткатната зграда во Иран, а се стравува дека може да има повеќе жртви бидејќи голем број луѓе останале заробени.
Најмалку 39 лица се повредени, повеќето полесно, соопштија претходно официјални лица.
Во иранскиот град Абадан вчера се урна десеткатница во изградба. Делови од зградата паднале врз околните продавници и автомобили.
Полицијата го уапси градоначалникот и уште девет други лица. Претходно беше објавено дека се уапсени сопственикот на зградата и шефот на градилиштето, но медиумите подоцна објавија дека меѓу жртвите се и двајцата, иако тоа не е официјално потврдено.
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси изрази сочувство и апелираше до локалните власти да го истражат случајот. (МИА)