недела, 31. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Блинкен: И по 100 денови руска инвазија Украина ќе опстои

Блинкен: И по 100 денови руска инвазија Украина ќе опстои

Во 100-те денови откако рускиот претседател Владимир Путин нареди неговите сили да изведат инвазија на Украина, светот е сведок на храброста и посветеноста на народот на Украина во нивната борба за својата земја, рече денеска државниот секретар Ентони Блинкен.

Според него, од 24 февруари досега САД обезбедиле за Украина повеќе од 6.3 милијарди долари безбедносна, хуманитарна и економска помош да ѝ помогнат на Украина да опстои.

-Како што рече претседателот Бајден, нашата цел е многу едноставна САД сакаат да видат демократска, независна, суверена и просперитетна Украина, со средства да одбие и се одбрани од идна агресија, изјави Блинкен.

САД уште еднаш го повикаа Путин да запре со конфликтот веднаш, „а со тоа и страдањето и глобалниот немир што неговиот избор на војна го предизвика“.

-Ниту САД, ниту пак нашите сојузници и партнери не сакаат продолжување на војната за да нанесат болка на Русија. Ние имаме голем почит кон граѓаните на Русија кои не се наш непријател и кои заслужуваат една подобра иднина отколку она што продолжителната војна и зголемените репресии може да го донесат, истакна Блинкен.

Тој се обрати до народот на Украина, „до сите оние кои изгубиле блиски, кои се разделени од насилството, чии села, станови, училишта и болници се погодени од бомби, артилериски оган и ракети, и оние кои се пратени и ги преживеале таканаречените „филтрациски“ кампови на Русија“ со зборовите: САД стојат до вас, ќе ви помогнеме да го одбраните суверенитетот и територијалниот интегритет и ќе ви помогнеме во повторна изградба кога оваа војна ќе заврши.

-Украина ќе опстои, рече Блинкен.  (МИА)