Шведска презеде важни чекори за исполнување на барањата кои Турција ги постави за одобрување на членството на Стокхолм во НАТО, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за време на посетата на Шведска. Шведска и Финска минатиот месец поднесоа барање за приклучување кон Алијансата како одговор на руската инвазија на Украина.
Нивните барања наидоа на неочекувано противење од Турција, која е лута поради, како што тврди, шведската поддршка на курдските милитанти и претходната одлука за повлекување на дозволите за извоз на оружје во Турција.
„Го поздравувам фактот што Шведска веќе почна да го менува своето законодавство кое се однесува на антитероризам и што ќе гарантира дека правната рамка за извоз на оружје ќе биде во согласност со идниот статус на земјата како членка на НАТО, со нови обврски кон сојузниците“, рече Столтенберг на прес-конференцијата одржана заедно со шведската премиерка Магдалена Андерсон.
„Ова се два важни чекори потребни за да се отфрли загриженоста што ја изнесе Турција“. Андерсон рече дека Шведска ги променила своите закони за тероризам и дека во тек е процес на дополнително заострување на мерките. „Од први јули ќе имаме построги критериуми во законодавството кога е во прашање борбата против тероризмот. Така што Шведска е подготвена да придонесе во борбата против тероризмот“, рече премиерката.
Столтенберг рече дека крајната цел е Шведска и Финска да се приклучат на НАТО „што е можно поскоро“ и дека е незамисливо сојузниците од НАТО да не застанат во одбрана на Шведска доколку земјата биде нападната.
фото: epa