Плановите на германското Министерство за одбрана предвидуваат нова командна структура на армијата како дел од одговорот на Берлин на војната во Украина, јави ДПА.
Извори цитирани од ДПА денеска наведоа дека Министерството им соопштило на водечките пратеници дека руската инвазија врз Украина покажа дека командната структура на армијата треба да биде повеќе ориентирана кон барањата на националната одбрана и одбраната на германските сојузници.
Новата структура предвидува армијата да има два командни центри со различни задачи.
Генерал-мајор Карстен Брејер, кој го предводеше кризниот штаб на канцеларот за време на пандемијата на коронавирусот, ќе ја предводи изградбата на структурата на новиот систем и ќе биде првиот командант на новиот Команден центар за национална одбрана, што треба да стапи на сила во април следната година и ќе се занимава со важни задачи во германските вооружени сили.
Оперативната команда во Швиловзе, во близина на Потсдам, истовремено ќе продолжи да ги води странските мисии на германската армија.