петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Турција даде зелено светло за прием на Финска и Шведска во НАТО

Турција даде зелено светло за прием на Финска и Шведска во НАТО

Финска и Шведска потпишаа трилатерален меморандум со Турција пред почетокот на самитот на НАТО алијансата во Мадрид, со кој се обврзаа да ја решат безбедносната загриженост на Анкара поради нивниот став кон терористичките групи ПКК и ФЕТО, за да го отвори патот за нивното членство во НАТО.

Пред да го потпишат меморандумот, Турција ги обвини нордиските земји за кршење на меѓународните норми со тоа што им даваат засолниште на терористичката група ПКК како и на терористичката организација Фетулах.

Шефот на НАТО, Столтенберг рече дека Финска и Шведска ќе и ги екстрадираат на Турција лицата осомничени за тероризам во согласност со Европската конвенција за екстрадиција.

ФИНСКА И ШВЕДСКА, СЕ РАЗБИРА, СЕ ПОДГОТВЕНИ ДА СОРАБОТУВААТ СО ТУРЦИЈА НА НЕРЕШЕНИТЕ ДЕПОРТАЦИИ ИЛИ БАРАЊА ЗА ЕКСТРАДИЦИЈА НА ЛИЦА ОСОМНИЧЕНИ ЗА ТЕРОРИЗАМ, ИЗЈАВИ ЈЕНС СТОЛТЕНБЕРГ, ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА НАТО.

НАТО се соочува со својот најголем предизвик од Втората светска војна, за време на војната на Русија во Украина, рече Столтенберг. Тој додаде дека Москва претставува директна закана за безбедноста на земјите-членки на Алијансата.

СЕГА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПУТИН ДОБИВА ПОВЕЌЕ НАТО НА СВОИТЕ ГРАНИЦИ. ЗНАЧИ ОНА ШТО ГО ДОБИВА Е СПРОТИВНО ОД ОНА ШТО ТОЈ ВСУШНОСТ ГО БАРАШЕ, А ТОА БЕШЕ НАТО ДА ГИ ЗАТВОРИ ВРАТИТЕ. ДЕМОНСТРИРАМЕ ДЕКА ВРАТИТЕ НА НАТО СЕ ОТВОРЕНИ. ВРАТАТА НА НАТО Е ОТВОРЕНА, РЕЧЕ СТОЛТЕНБЕРГ.

Премиерката на Шведска Магдалена Андерсон рече дека нејзината земја ќе воспостави близок дијалог со Турција за екстрадицијата, а поддршка за договорот даде и американскиот претседател Џо Бајден.

На мадридскиот самит на НАТО, кој почна вчера и ќе трае до утре, ќе биде донесен нов стратегиски концепт на Алијансата, во кој ќе бидат дефинирани идните односи со Кина и со Русија.