Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 43-годишен скопјанец за кого постои сомнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 во врска со став 1 и во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик. Во исто време, надлежниот обвинител презеде дејствија од кои произлезе дека осомничениот сторил и кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 2 во врска со став 1, кое претходело на обидот за убиство.
-На 23 јули, во вечерните часови, осомничениот во алкохолизирана состојба пристигнал во семејната куќа во Радишани, каде со сопругата и децата живееле разделени на посебни катови поради претходно нарушени односи. Притоа започнал да ги навредува сопругата и ќерката, ги полеал скалите, оградата и ѕидот од куќата со бензин, заканувајќи се дека ќе ги запали ако не се отселат.
Кога неговиот 18-годишен син се обидел да го спречи во семејното насилство, осомничениот со умисла се обидел да го лиши од живот. Тој го давел оштетениот со двете раце на вратот и се обидувал да го фрли од терасата на вториот кат кон дворот на куќата, на висина од 2,5-3 метри. Во намерата го спречиле сопругата и двајца сведоци на настанот, информира Јавното обвинителство.
Оценувајќи дека постои сериозна опасност осомничениот да се даде во бегство доколку се брани од слобода, да се обиде да го доврши обиденото кривично дело и да го стори делото кое се заканувал дека ќе го изврши, како и да влијае врз сведоците и врз оштетениот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје вечерва достави предлог за определување мерка притвор.