вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Регион

АБЦ њуз: „Тектонски” движења за помалку од 24 часа во албанската политика

АБЦ њуз: „Тектонски” движења за помалку од 24 часа во албанската политика

Настаните што се случија за помалку од 24 часа во албанската политика можат да се наречат „тектонски“, оценува АБЦ њуз.

– Илир Мета вчера му ја предаде претседателската палка на неговиот наследник Бајрам Бегај за да се врати активно во политиката. По пет години како шеф на државата, во необичен мандат, со силни судири и опишан како „претседател на опозицијата“, Мета изгледа е подготвен да го преземе раководството на Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ), чиј основач е тој, наведува телевизијата.
Според истиот извор, денеска Мета ја подигна партиската книшка, а објави и фотографија со сопругата Моника Круемади, на која и го довери раководството на партијата и напиша за „надеж и нов хоризонт“.

Во меѓувреме, ЛСИ го подготви теренот, бидејќи денеска во 19 часот ја одржува Националната конвенција и се очекува Мета да биде потврден за претседател.

Овој понеделник започна со силни „потреси“ дури и во Владата. Премиерот Еди Рама денеска соопшти дека го разрешил Арбен Ахметај од двете важни функции што ги извршуваше, вицепремиер и државен министер за обнова. Ахметај, кој се сметаше за најдоверливиот човек на Еди Рама, сега останува само пратеник, а на негово место доаѓа министерката за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку, која станува втор човек во Владата на Рама.

Исто така, премиерот го разреши Зеф Мазо од главен преговарач за евроинтеграциите. На негово место ќе дојде Мајлинда Дука, која ќе биде главен преговарач и државен министер.

Рама ги аргументира овие промени велејќи дека сега веќе не е реконструкцијата во преден план, туку преговорите со ЕУ, по нивното отворање.

– На Рама сега му е многу полесно зашто уредбите за двете измени повеќе од сигурно е дека ќе добијат потпис од новиот претседател Бајрам Бегај, заклучува телевизијата.