вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Бербок: Никој нема право да оспори дека островите во Егејското море се грчки

Бербок: Никој нема право да оспори дека островите во Егејското море се грчки

Островите во Егејското море, Хиос, Лезбос, Родос и многу многу други се грчка територија и никој нема право да го оспори ова, порача министерката за надворешни работи на Германија Аналена Бербок, на заедничката пред конференција во Атина со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, кој од своја страна ги покрена прашањата за извоз на германски воен материјал во Турција, пред сè подморници, како и за германските воени репарации, јави дописничката на МИА од Атина.

Бербок, која од Грција заминува за Турција, рече дека е од оние министри кои не кажуваат едно во едната, а друго во другата престолнина, туку она што го кажува во Атина, ќе го каже и во Турција.

Истакна дека германската Влада нема да дозволи да постои никаков сомнеж дека се солидарни со грчката страна во корист на европското семејство и порача дека разликите треба да се решаваат со дијалог и дискусија.

-Од ваша страна, вашиот сосед Турција ви предизвикува голема загриженост, бидејќи работите денес се поинакви отколку пред 15 години. За мене, јасно е дека разликите меѓу партнерите во НАТО мора да се решаваат со дискусија, порача германската министерка.

Дендиас рече дека не побарал од Германија да има улога на медијатор во грчко- турските односи, повторувајќи дека за Атина она што се подразбира е почитување на меѓународното право и истакна дека Турција „ги крши суверенитетот и суверените права на Грција, незаконски ја окупира територијата на Кипар, земја членка на ЕУ“.

Говорејќи за руската инвазија во Украина рече дека „примерот на ревизионизмот не може да успее“.

-Ако успее, Грција може да биде следната жртва на перцепцијата на ревизионизмот, порача шефот на грчката дипломатија.

Дендиас рече дека извозот на германски воен материјал во Турција, поконкретно подморници од типот 214 е прашање кое може да го промени балансот во Источниот Медитеран, во корист на една земја, „која иако е членка на НАТО издава закана за војна, односно „casus belli“ кон Грција“.

Во однос на германските репарации од Втората светска војна, Дендиас истакна дека за грчката Влада и грчкото општество тоа е прашање што останува отворено.

Шефовите на двете дипломатии разговарале и за мигрантското прашање, но и за случувањата на Западен Балкан, а Дендиас изрази задоволство за свикувањето на првата Меѓувладина конференција за Албанија и Северна Македонија и истакна дека Грција им помогнала и ќе им помага на Скопје и Тирана на европскиот пат.

Министерката за надворешни работи на Германија Аналена Бербок во рамките на дводневната посета на Грција, утрово се сретна и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а како што информираа од неговиот кабинет биле разгледани прашањата од билатерален, регионален и меѓународен интерес.

Мицотакис ги претставил грчките позиции за справување со енергетската криза, како и во односите со Турција, а со Бербок размениле мислења за последните случувања во Украина

Шефицата на германската дипломатија, вчера пристигна во Атина, го посети споменикот на Холокаустот и положи цвеќе, потоа во придружба на министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис посети прифатен центар за бегалци и мигранти.

Бербок, првично беше закажано да ја посети Атина на почетокот на јуни, меѓутоа патувањето на германската министерка како во Грција, така и во други земји во тој период беа откажани и одложени откако се зарази со Ковид-19.

Од Грција, шефицата на германската дипломатија ќе замине во посета на Турција.

Министерот за надворешни работи на Грција пак, попладнево, по средбата со Бербок заминува за Париз каде што ќе се сретне со неговата француска колешка Катрин Колона.

Од грчкото МНР соопштија дека се очекува разговорите да се фокусираат на натамошното зајакнување на стратешкото партнерство меѓу Грција и Франција, на случувањата во Источниот Медитеран, на руската инвазија на Украина, на новата европска безбедносна архитектура и на состојбите на Западен Балкан, како и за случувањата во Либија.