понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Гроси: Нуклеарната електрана Запорожје е вон контрола

Гроси: Нуклеарната електрана Запорожје е вон контрола

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси денеска изјави дека најголемата европска нуклеарна централа во Украина, Запорожје е „целосно вон контрола“ и Русија и Украина мора итно да дозволат експерти да го посетат комплексот со цел да се стабилизира ситуацијата и да се избегне нуклеарна катастрофа.

Тој истакна дека ситуацијата секој ден станува се поопасна во Запорожје, во градот Енерходар, што руските сили го зазедоа на почетокот на март.

– Во електраната е прекршен секој принцип на нуклеарна безбедност. Она што е во прашање е крајно сериозно и опасно. Има парадоксална ситуација, централата е контролирана од Русија, но нејзиниот украински персонал продолжува да ги води своите нуклеарни операции, што доведува до неизбежни тензии и конфликти, истакна Гроси.

Тој додаде дека иако МААЕ има одредени контакти со персоналот во нуклеарната централа, тие се „нецелосни“ и многу вознемирувачки. Според него прекинат е синџирот за набавка на опрема и резервни делови.

– МААЕ, исто така, треба да изврши многу важни инспекции за да утврди дека нуклеарниот материјал е заштитен.

МААЕ мора да оди во Запорожје, како и во Чернобил, за да ги утврди фактите, што всушност се случува таму, да изврши поправки и инспекции и да спречи да се случи нуклеарна несреќа, посочи Гроси.